ХОЛАНДИЈА ГО ГРАДИ НАЈГОЛЕМИОТ СИСТЕМ ОСТРОВИ СО СОЛАРНИ ПАНЕЛИ НА СВЕТОТ

Амстердам, (Гардијан)

Холандски инженери го градат најголемиот архипелаг составен од соларни панели на светот.

Вакви острови веќе постојат во Кина, Јапонија и САД, но Холандија планира да ги изгради дури 15 во резервоарот Андајк во северниот дел на државата, на кои ќе бидат поставени 73.500 соларни панели.

Првата фаза од проектот, која вклучува три острови со дијаметар од по 140 метри, треба да биде довршена во ноември, кога ќе заврши сезоната на мигрирање на птици.

„Сакавме да почнеме и порано, но поради птиците, имаме ограничен период од само три месеци кога можеме нешто да поставиме на вода“, изјави Арноуд фан Друтен, директор на компанијата „Флоутинг солар“.

Заедно со друг проект во близина на Амстердам, кој вклучува статични соларни панели, на овој начин ќе се добива електрична енергија за 10.000 домови.

Островите ќе бидат опремени со систем за следење на сонцето, што ќе обезбедува тие секогаш да бидат свртени кон него. Тие ќе можат и да ја сменат својата позиција во случај на лоши временски услови.