СОНДАТА „ИНСАЈТ“ ГО РЕГИСТРИРАШЕ ПРВИОТ МАРСОТРЕС НА ЦРВЕНАТА ПЛАНЕТА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Сондата на НАСА, „Инсајт“, го регистрирала првиот сеизмички настан на Марс, откако се спушти на оваа планета во ноември. На 6 април, сензорите на сондата снимиле слабо тресење и ова е првиот сеизмички сигнал детектиран на површината на друго планетарно тело, освен Месечина и Земја.

Научниците сметаат дека овој таканаречен марсотрес бил предизвикан или од движење во внатрешноста на планетата или од удар на метеор.

Регистрирањето марсотреси е една од основните задачи на „Инсајт“, со цел да се добие појасна слика за внатрешната структура на Марс. Споредувајќи ја со камените слоеви во внатрешноста на Земјата, истражувачите се надеваат дека ќе дознаат нешто повеќе за начините на кои овие два света еволуирале низ еоните.

Научниците велат дека снименото тресење на Марс ги потсетува на податоците што сензорите на „Аполо“ ги имаат собрано на површината на Месечината, каде што петте инсталирани сеизмометри имаат регистрирано илјадници тресења од 1969 до 1977 година.

„Веројатно бил со магнитуда од само еден или два степени, во круг од 100 километри. Беше толку мал, што ако живеете во Јужна Калифорнија, не би го ни почувствувале. Но, бидејќи на Марс е многу тивко, инструментите можеле да го регистрираат“, вели главниот научник на проектот „Инсајт“, Брус Бенерт.