ЈАПОНСКИТЕ ЦАРЕВИ НЕ НОСАТ КРУНА, НО НАСЛЕДУВААТ СВЕТИ ПРЕДМЕТИ ШТО НИКОЈ ГИ НЕМА ВИДЕНО

Токио, (Гардијан)

Јапонија денеска доби нов цар, 126. по ред.

Роден по Втората светска војна, школуван на Оксфорд и борец за заштита на животната средина, 59-годишниот Нарухито важи за првиот модерен јапонски монарх, кој ќе ја поведе земјата во нова ера, наречена Реива, што во слободен превод значи „прекрасна хармонија“.

Иако царот нема политичка моќ, неговото доаѓање на Хризантемскиот трон е сè уште важен момент во земјата.

Предметите што ги презеде Нарухито се дупликати, а оригиналите се чуваат во светилишта низ земјата (Фото: АП)

На симболичната петминутна церемонија без зборување во Царската палата во Токио, тој наследи свети царски предмети кои се пренесуваат низ генерации. Јапонските цареви не носат круна, па овие предмети служат како симбол на нивната моќ. Предметите што ги презеде Нарухито се дупликати, а оригиналите се чуваат во светилишта низ земјата и никогаш не се покажуваат во јавност.

Во овие свети богатства спаѓаат меч наречен Кусанаги, дијамант познат како Јасакани но Магатама и огледалото Јата но Кагами. Трите заедно, овие предмети ги претставуваат храброста, мудроста и приврзаноста што царот ја покажува кон својот народ. Никој освен царот и највисоките шинто свештеници ги нема видено. Според митологијата, овие предмети се дел од церемонијата на устоличување од 690 година, а претходно ѝ припаѓале на божицата на сонцето Аматерасу.

Нарухито од 1993 година е во брак со бившата дипломатка Масако Овада и заедно имаат ќерка, која поради јапонските закони не може да го наследи тронот.