Лажни вести (фејк њуз), израз популаризиран од Доналд Трамп, доби легитимитет, кога беше избран за збор на годината по неговото постојано користење во последните 12 месеци.
Лексикографите на речникот „Колинс“, кои надгледуваат 4,5 милијарди зборови, кажаа дека употребата на овој термин се зголемила за 365% од 2016 година.
„Лажните вести работат прекувремено“, напиша Трамп деновиве на Твитер, коментирајќи ја истрагата за плеткањето на Русија во ланските претседателски избори во САД.
Трамп го користи овој термин често и минатата недела тврдеше дека тој го измислил.
„Медиумите се токму тој збор. Еден од најголемите термини што сум ги измислил е ‘фејк‘. Можеби, други луѓе го користеле овој термин претходните години, но не сум забележал“, му кажа Трамп на еден новинар.
Лажни вести беше неизбежен термин годинава, кој придонесе да се намали довербата на опшеството во медиумите.
„Гиг економија“, дефинирана како „економија во којашто има малку постојани работници и повеќето работи се доверени на привремени или хонорарни работници“, исто така, ќе добие место на листата, како и „инста“, што е кратенка од социјалната мрежа Инстаграм.