Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл, првпат се појавија во јавност со својот новороден син.
„Ова е магично, навистина неверојатно! Ги имам двајцата најдобри момци на свет и не можам да бидам посреќна“, вели Меган.
Бебето, кое е седмо во редот за наследување на тронот, се роди пред два дена на сѐ уште непозната локација и во текот на денот ќе ја запознае и прабаба му, кралицата Елизабета Втора. Хари и Меган сѐ уште немаат објавено ни како ќе му биде име, а според традицијата, му следува најмалку една титула, војвода од Дамбартон.
„Тој го има најслаткиот темперамент, многу е мирен“, вели Меган.
„Не знам од кого го наследил тоа“, се пошегува Хари и додаде:
„Поминаа само два дена, а тој ни носи толку многу радост. Прекрасно е да си родител“.
Пред два дена, принцот Вилијам му посака на својот брат „добредојде во друштвото на неспијачи“.