Изгледот на американскиот актер Езра Милер беше меѓу највпечатливите на неодамнешната Мет гала, моден настан во Њујорк познат по својата екстравагантност. Но, место со облека, тој привлече посебно внимание со својата шминка, откако се појави со дополнителни пет очи на лицето. За тоа е заслужна канадската шминкерка Мими Чои.
Откако почна да работи како шминкерка пред пет години, Чои собра огромен број следбеници на Инстаграм благодарение на своите надреални оптички илузии.
„Милер го сакаше моето познато калеидоскопско око, но мојата идеја со повеќе очи значеше откривање на различни личности“, вели Чои.
За да го наслика лицето на Милер, на Чои ѝ требале пет часа работа, односно 200 потези и најмалку 30 минути за секое око.
„Мојот метод на работа е доста спонтан. Не правам никакви скици. Сакам да почнам од еден агол и да видам како ќе тече“, вели таа.
Чои нема учено уметничко школо, туку нејзините сликарски вештини се должат на години вежбање и, како што признава, опсесивно-компулсивното нарушување.
„Тоа многу ѝ помага на мојата уметност, бидејќи внимавам и на најмали детали и можам долго време да гледам во една работа“.