ФИНАЛЕТО НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“ ГО НАДМИНА РЕКОРДОТ НА „СОПРАНОВИ“

Лос Анџелес, (АФП)

Финалето на „Игра на тронови“ го гледале рекордни 19,3 милиони гледачи, зацврстувајќи го статусот на епската фантастична драма како најгледана серија во историјата на Ејч-Би-О. ТВ-мрежата соопшти дека рекордниот број гледачи се однесува на сите три нејзини платформи и ја надмина минатонеделната бројка од 18,4 милиони гледачи.

„Во просек, осмата сезона се движеше околу 44,2 милиони гледачи, што е зголемување за повеќе од 10 милиони во споредба со седмата сезона. Последната епизода го постигна рекордот за најгледана програма на Ејч-Би-О, со 13,6 милиони гледачи кои се вклучиле во 21 часот“, соопшти Ејч-Би-О.

Претходниот рекорд од 13,4 милиони гледачи го држеше премиерата на четвртата сезона на „Сопранови“ во 2002.

Рекордот за најгледана американска ТВ-серија сѐ уште го држи комедијата „Меш“, чија последна епизода во 1983 година привлекла речиси 106 милиони гледачи.