ПО НАЈДОБРИОТ ИЗБОРЕН РЕЗУЛТАТ ДОСЕГА, ЗЕЛЕНИТЕ КОНЕЧНО СТАНУВААТ ВЛИЈАТЕЛЕН ИГРАЧ ВО ЕВРОПА

Брисел, (Гардијан)

Зелените партии го имаа својот најдобар настап на европските избори досега и се предвидува дека ќе имаат 71 место во новиот состав на Европскиот парламент, дури 19 повеќе од претходно. Тоа овој блок ќе го направи влијателен играч во уште поподелениот парламент.

„Ви благодарам за вашата верба во нас, Зелените. Ова е мандат за вистински промени: заштита на климата, социјална Европа, повеќе демократија и посилно владеење на правото. Сакаме моментална акција против климатски промени, бидејќи ако чекаме уште, тоа ќе биде катастрофа“, изјави Ска Келер, која ќе се кандидира за претседател на Европската комисија.

Во услови кога партиите од центарот загубија повеќе од 75 места, Зелените би можеле да играат клучна улога во зачувувањето на широката проевропска алијанса.

Зелените завршија втори во Германија, зад ЦДУ на Ангела Меркел, исто како и во Финска. Во Франција стигнаа до третото место, а наспроти сите очекувања, и Зелената партија на Португалија освои едно место во парламентот. Зелените одлично стојат и во Холандија, Данска, Шведска, Белгија, Луксембург и Австрија, а ирските Зелени ќе имаат пратеници во Брисел за првпат по 20 години.

Зелените веќе се дел од владата во Шведска, Луксембург и Финска, а силна позиција имаат и пред претстојните избори во Данска и Белгија.