ЕУ БАРА ПОМОШ ОД ТЕЈЛОР СВИФТ ДА ГИ МОТИВИРА МЛАДИТЕ ДА ГЛАСААТ

Брисел, (Политико)

Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, има решение како да се зголеми излезноста на младите гласачи на годинашните европски избори: на ЕУ само ѝ треба посебен повик од Тејлор Свифт.

„Никој не може да ги мобилизира младите подобро од младите. Младите луѓе се тие кои можат да ги мобилизираат младите да учествуваат, повеќе од комесари. Многу се надевам дека некој од медиумскиот тим на Тејлор Свифт ќе ме слушне и ќе ѝ го пренесе нашето барање“, рече Схинас на прес-конференција.

Мобилизирањето млади гласачи не е ништо ново за Свифт. Минатиот септември, таа ги охрабруваше своите 272 милиони следбеници на Инстаграм да се регистрираат за гласање и за неколку часа, сајтот vote.org објави повеќе од 35.000 нови пријави. Според Схинас, големо учество на младите Европјани на изборите е клучно за демократијата.

Свифт го почнува европскиот дел од својата мегауспешна турнеја „Ери“ во мај, непосредно пред изборите за Европскиот парламент.

(Фото: АП)