Голтка од старо шкотско виски, купена од кинески милионер за 7.600 фунти во еден швајцарски хотел, била лажна, покажаа лабораториски тестови.
Шкотски аналитичари биле повикани од хотелот „Валдхаус Ам Зе“ во Санкт Мориц поради сомнежот на експерти во автентичноста на вискито. Тој била сипан од неотворено шише, на кое пишувало „1878 Мекален“ и се верува дека ова е најголемата сума платена за голтка виски досега.
Но, аналитичарите утврдиле дека вискито со сигурност не било дестилирано пред 1970.
Џaнг Веи (36), еден од најплатените кинески онлајн писатели, платил речиси 10.000 швајцарски франци за една голтка, додека бил во виски барот „Ѓаволско место“ во јули.
Ако вискито било автентично, вредноста на едно шише ќе беше околу 300.000 франци.
Сандро Бернаскони, кој е менаџер на „Валдхаус“, кажа дека не знаел оти шишето е лажно.
„Мојот татко го купи пред 25 години, кога беше менаџер на овој хотел и никогаш не го отворил. Кога Џaнг праша дали може да проба малку, му рековме дека не е за продажба. Тој инсистираше, па му се јавив на татко ми и кажа да го отвориме, бидејќи таков муштерија нема да имаме барем 20 години“, изјави Бернаскони.