Десетгодишно девојче од Колорадо стана најмладиот човек кој успеал да ја искачи карпата Ел Капитан во националниот парк Јосемити, што е еден од најпредизвикувачките потфати во светот на алпинизмот.
Села Шнејтер го комплетираше искачувањето на 910 метри високата вертикална формација за пет дена, при што беше придружувана од нејзиниот татко Мајк и од семеен пријател.
„Не ми се верува дека успеав. Плачев кога стигнав на врвот, малку и затоа што бев тажна што заврши“, изјави малата Села.
Досегашниот рекордер беше 11-годишниот Скот Кори, кој двапати ја искачи карпата во 2001.
Постојат повеќе од 100 маршрути кон врвот на Ел Капитан, која за првпат беше искачена во 1958 година. Села и нејзиниот тим се искачиле преку Носот, која е и најпозната маршрута.
Според официјални податоци, досега имало 25 смртни случаи на Ел Капитан, а повеќе од 100 алпинистички несреќи се случуваат во Јосемити секоја година.