Кучето спасител кое се стекна со светска слава со своите херојски напори по катастрофалниот земјотрес во Мексико во 2017 замина во пензија во девет години во службата.
Мексиканската морнарица одржа посебна церемонија во чест на златниот лабрадор Фрида, која учествуваше во 53 спасувачки акции во Мексико, Хаити, Гватемала и Еквадор. Оттаму велат дека Фрида директно спасила 12 човечки животи и помогнала да се лоцираат повеќе од 40 тела.
„Нејзиниот лаеж секогаш даваше надеж, а во моменти на болка и неизвесност носеше и олеснување“, изјави заменик-министерот за поморство Едуардо Редондо.
Фотографиите од Фрида со заштитна маска за очите додека пребарува по урнатините на училиште во Мексико Сити го обиколија светот и станаа симбол на надеж по земјотресот, во кој загинаа повеќе од 300 луѓе. Сега 10-годишна, се верува дека Фрида ќе помогне во обучувањето на нова генерација спасувачки кучиња.
„Фрида, мисијата е комплетирана чесно“, додаде Редондо.