ОСУМ ЗГРАДИ НА ФРЕНК ЛОЈД РАЈТ ПРИЗНАТИ ОД УНЕСКО ЗА СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

Париз, (Гардијан)

Френк Лојд Рајт (1867-1959) помогна да се обликува модерната архитектура во САД и осум негови згради сега се вклучени во листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Изградени меѓу 1906 и 1959 година, тие се наоѓаат во Чикаго, Лос Анџелес, Њујорк, но и во мали градови како Оук Парк, Мил Ран и Скотсдејл, станувајќи едни од ретките примери на архитектурата од 20. век кои биле признати на ваков начин.

Храмот на единството во Оук Парк, Илиноис важи за една од првите модернистички згради на светот, која ја редефинираше архитектурата на верските објекти

„Овие дела го содржат она што УНЕСКО го нарекува неверојатна универзална вредност и тие ги надминуваат националните граници и се важни за целото човештво. Огромна чест е што делата на Рајт се ставени на исто ниво со пирамидите во Гиза, Таџ Махал и Статуата на слободата“, изјави Стјуарт Граф, извршен директор на фондацијата „Френк Лојд Рајт“.

„Фолингвотер“ во Мил Ран, Пенсилванија е еден од најпознатите приватни домови на 20. век

Од неговите корени во Чикаго до поексперименталните модернистички креации, во оваа група згради влегоа и приватни објекти и големи јавни музеи, како „Гугенхајм“ во Њујорк.

Куќата „Холихок“ во Лос Анџелес важи за предводник на калифорниската модернистичка архитектура