ПОЧНА РЕСТАВРАЦИЈАТА НА „НОЌНА СТРАЖА“ НА РЕМБРАНТ, ЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА ВО ЖИВО НА ИНТЕРНЕТ

Амстердам, (Гардијан)

Кога утрово во девет часот се отвори „Рајксмузеум“ во Амстердам, истовремено почна и најголемата и највнимателна јавна реставрација во историјата.

По десет месеци истражување, тим од 12 експерти од денеска ќе работи во специјално конструирана стаклена комора од седум квадратни метри за да ѝ го врати стариот сјај на една од најспектакуларните слики на светот: „Ноќна стража“ од Рембрант. Процесот не само што ќе се одвива пред очите на посетителите на музејот, во кој оваа слика е најголема атракција, туку и ќе се пренесува во живо на интернет.

„Ова е како воена операција“, изјави генералниот директор на музејот, Тако Дибитс.

Ова е прва реставрација на сликата од 1975 година и треба да даде увид во тоа како Рембрант го насликал ова ремек-дело во 1642 година, односно дали прво, како што се верува, нацртал скици на огромното платно и какви измени направил потоа.

Оваа слика, што годишно има два милиона посети, беше преместувана само неколку пати во последните 150 години, како во посебен бункер за време на Втората светска војна.

„Сликата е во добра состојба и ова го правиме за да остане таква. Ова се најголемите и најсеопфатни истражување и реставрација во историјата на музејот“, додаде Дибитс.

Колку долго ќе трае процесот, засега не е познато.