Македонската група „Меморија“ ќе биде последната која ќе има концерт во „Метрополис арена“ на Скопски саем, кој е најавено дека ќе се урива за околу шест месеци.
Басистот на групата, Петар Георгиевски-Камиказа, денеска со солзи во очите говореше за претстојниот концерт, на 18 ноември во 20 часот, кој се одржува 25 години од нивниот последен концерт во Универзална сала.
Во продажба се пуштени 5.000 билети по цена од 500 денари, а, според него, останати се уште 1.500 билети.
„Имаме врвна техника за озвучување и осветлување и за македонскиот народ најавуваме општонародна забава, со специјални аудио и визуелни ефекти“, рече тој.
На концертот, „Меморија“ ќе настапи во полн состав: Ристо Самарџиев, Бане Поповиќ, Петар Георгиевски-Камиказа, Поце Икономов, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков-Мичо и Сашо Ангелов.
Гости на концертот се Гранит Таќи со неговата ќерка Леа Таќи, Пере од „Нокаут“, Мики Јовановски-Џафер и „Зијан“.
Б. НЕСТОРОСКА