Европа ја погоди втор бран на екстремна жештина за помалку од еден месец и рекордно високи температури беа измерени во Белгија, Холандија, Германија и во делови на Франција, вклучувајќи го и Париз.
Градовите особено се погодени во вакви услови поради таканаречениот ефект на урбан жежок остров, според кој бетонските згради и асфалтираните патишта апсорбираат топлина во текот на денот и потоа повторно ја испуштаат ноќе, спречувајќи ги градовите да се ладат. На тој начин урбанизираните средини се за три-четири степени потопли од нивните околни области.
Едно од наједноставните решенија за намалувањето на овој ефект е да се обезбедат повеќе сенки преку садење дрвја.
Во таа насока, во 2012 година, Мелбурн лансираше амбициозен проект кој предвидува удвојување на површините со дрвја во градот, од 22% на 40% до 2040 година, што е околу 3.000 новозасадени дрвја секоја година. Сиднеј, пак, планира да има 50% повеќе дрвја до 2030 година.
„На термалните фотографии јасно се гледа дека црвените точки во градовите се улиците, патиштата и паркинзите, таму кадешто има многу бетон и битумен, а потоа има голем контраст во делот со паркови, градини и дрвја“, вели градскиот советник на Мелбурн, Кејти Оки.
Сепак, експертите се согласуваат дека ова не може да се примени во секој град.
„На пример, Портланд има широки улици, но не и Хонг Конг. Нема едноставни решенија, но уште полошо е ако го игнорираме проблемот. Реалноста е дека климата се менува и колку поладни ги направиме градовите сега, толку подобро за иднината“, додаде Оки.