Орландо Блум изјави дека нема да ја репризира улогата на Леголас во серијата „Господар на прстените“, што ја прави „Амазон“.
Блум го глумеше Леголас во трите филмови на Питер Џексон од 2001 до 2003, како и во трилогијата „Хобит“ од 2012 до 2014.
„Се сеќавам кога пред 20 години режисерот ми рече: ’Зар не би било интересно еден ден да се направи римејк на ’Господар на прстените?’. Јас реков: ’Никако, тоа нема да се случи’“, изјави Блум за „Холивуд рипортер“.
Иако смета дека е одлично што „Амазон“ го работи проектот, тој изјави дека немал никакви разговори со стриминг сервисот.
„Не знам како би се вклопил во тој свет денес. Ако има Леголас во серијата, веројатно земале некое 19-годишно момче“, одговори тој на прашањето дали ќе глуми во серијата.
„Амазон“ досега го има објавено само креативниот дел на екипата од серијата, која ќе почне да се снима в година. Режисерот на „Светот Јура“, Џ. А. Бејона, ќе работи на првите две епизоди.