Шеснаесетгодишник од САД освои рекордна премија од три милиони долари, откако стана прв светски шампион во видеоиграта „Фортнајт“. Кајл Гирсдорф славеше во поединечна конкуренција на натпреварувањето што се играше на стадионот „Артур Еш“ во Њујорк, најпознато по тенискиот гренд слем Ју-Ес опен.

Ова е највисоката награда во историјата на еспортовите, а севкупниот фонд изнесуваше 30 милиони долари.

„Планирам да заштедам поголем дел од освоените пари. Сѐ што ми треба во моментов е ново биро и можеби уште едно за трофејот. Пресреќен сум, ова беше луд викенд“, изјави Гирсдорф, кој настапува под името Буга.

По 10 недели квалификации во коишто настапија 40 милиони играчи, за финалето се пласираа 100 најдобри и меѓу нив немаше жени и повеќето беа на возраст под 20 години. Повеќе од 30 држави имаа претставник во финалето, во коешто играчите се бореа еден против друг на големи компјутерски екрани.

„Фортнајт“ стана една од најпопуларните видеоигри на светот откако се појави пред две години, бесплатно се даунлодира и денес има над 200 милиони играчи.

Во саботата се играше во двојки и премијата од три милиони долари им припадна на Дејвид В. и Емил Бергквист Педерсен.