БЕРЛИНСКАТА ЗООЛОШКА ГО СЛАВИ РЕТКИОТ СЛУЧАЈ НА РАЃАЊЕ НА ПАНДИ БЛИЗНАЦИ

Берлин, (Гардијан)

Зоолошката градина во Берлин објави дека нејзината жителка пандата Менг Менг родила близнаци, што е редок случај во светот на овој загрозен вид животни.

„Менг Менг стана мајка, и тоа на близнаци. Многу сме среќни, без зборови сме. Сите се добро“, изјави директорот на зоолошката градина Андреас Кнајрим.

Ова се први панди родени во Германија воопшто. Пандите се познати по тоа што тешко се размножуваат, па ова важи за многу редок случај.

Менг Менг му беше позајмена на Берлин во 2017 (Фото: ЕПА)

Менг Менг го роди првото бебе во саботата навечер, а еден час подоцна се роди и второто. Тие сега тежат 136 и 186 грама и засега не може да се определи нивниот пол.

Менг Менг и мажјакот Џијао Шинг му беа позајмени на Берлин од Кина во 2017 и зоолошката градина плати 15 милиони долари за да ги чува 15 години. Според договорот, двете новородени панди ќе бидат префрлени во Кина во наредните четири години.

Официјалните бројки кажуваат дека 1.864 панди живеат во дивина во Кина и уште ги има над 400 во зоолошки градини низ светот.