Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ со вечерашната премиера на комедијата „Одам на лов“ од Жорж Фејдо, во режија на Деан Дамјановски, ја отвора театарската сезона 2019/20. Драматург на текстот е Сашо Димовски.
„Ова е комедија на ситуации, на заплети, кои на сцена треба да бидат внимателно пласирани од страна на актерите. Текстот е за вонбрачни авантури на двајца сопружници, кои имаат слободни активности и ги прават мошне несмасно. Претставата ја донесовме во современо време“, рече режисерот Дамјановски.
Во претставата играат Маја Љутков, Фаик Мефаиловски, Самоил Стојановски, Исидор Јовановски, Васил Зафирчев, Жарко Спасковски, Кети Борисовска и Талија Настова.
„Направивме суперкарикатури од ликови, кои можат да се сретнат каде било, кога било. Ако некој се препознае, не е намерно“, вели Мефаиловски.
Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, а ги изработи Раде Василев, додека изборот на музика е на Горан Трифуновски.
До крајот на годинава директорот Александар Ивановски најави уште три премиери: „Слуга на двајца господари“ во режија на Ненад Витанов, „Сестрите Брозорови“ на Васил Зафирчев и „Сара“ на Елеонора Теова.
П. ПЕЧКОВ