Озонската дупка над Антарктик оваа година би можела да биде најмала во последните три децении, велат научниците.
Дупката почнува да се формира во август, врвот го достигнува во октомври и повторно се затвора во декември, но Сервисот за набљудување на атмосферата „Коперник“ на Европската Унија (ЦАМС) забележал дека таа оваа година не се отворила на вообичаен начин, што би можело да се должи и на наглото покачување на температурите во стратосферата. Оттаму велат дека површината на дупката е двојно помала од вообичаената за средина на септември, била изместена од центарот и е далеку од полот.
Експертите на ЦАМС предвидуваат стабилни нивоа на дупката или благо зголемување во наредните денови.
Озонот е молекула која се состои од три атоми на кислород и тој е одговорен за филтрирањето на штетното ултравиолетово зрачење од Сонцето. Гасот постојано се создава и уништува во стратосферата на височина од 20-30 километри.
Озонската дупка првпат била забележана од британски научници во 1985 и две години подоцна државите го потпишаа Монтреалскиот протокол, во обид штетата да се санира преку забраната на производство и користење на најопасните хемикалии.
„На својот врв таа имаше површина од 25 милиони квадратни километри, а оваа година се очекува да биде помала од 10 милиони, што, сепак, и натаму е многу големо“, изјави шефот на ЦАМС, Венсан-Анри Пеш.
Ако се продолжи со доследното спроведување на Монтреалскиот протокол, се очекува проблемот со озонската дупка целосно да биде решен до 2060 година.