ЛЕГЕНДАРЕН БРОД ПРОНАЈДЕН НА ДНОТО НА АНТАРКТИЧКОТО МОРЕ 107 ГОДИНИ ОТКАКО ПОТОНА

Лондон, (Би-Би-Си)

Научниците ги лоцираа и снимија остатоците од славниот брод „Ендјуранс“, кој потонал пред 107 години за време на антарктичката експедиција на истражувачот Ернест Шеклтон. Бродот бил смачкан од морскиот лед пред да потоне во Веделово Море во 1915, принудувајќи ги Шеклтон и неговите луѓе на неверојатно бегство пешки и со чамци.

Видеоснимките покажуваат дека бродот е во исклучителна состојба, иако повеќе од еден век лежи на длабочина од три километри.

„Без да претеруваме, ова се најдобрите дрвени остатоци од брод што сум ги видел во 50-годишната кариера. Бродот е извонредно зачуван“, изјави поморскиот археолог Менсун Баунд, кој учествувал во истражувањето.

„Ендјуранс“ е забележан на длабочина од 3.008 метри со помош на мали подморници на далечинско управување.

Според Меѓународниот договор за Антарктик, остатоците од бродот претставуваат споменик кој не смее да се чепка на ниеден начин. Токму затоа, на површината не е донесен ниеден физички артефакт.