ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА ЕНТОНИ БУРДЕН ЗА ДА СЕ СОБЕРАТ ПАРИ ЗА НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Над 200 лични предмети на славниот готвач и патеписец Ентони Бурден ќе се продаваат на аукција следниот месец за да се соберат пари за неговото семејство. Бурден се самоуби лани на 61-годишна возраст во Франција по долга борба со депресија.

Уметнички слики, облека и специјално дизајниран готвачки нож, проценет на 6.000 долари, се дел од колекцијата што ќе се продава. Нејзината вкупна вредност е проценета на 400.000 долари. Аукцијата ќе се одвива онлајн од 9 до 30 октомври, а три изложби ќе има во Њујорк, Савана и Тексас.

Шеесет отсто од заработката ќе одат кај неговата поранешна сопруга Отавија Бусија и ќерката Ариен. Остатокот од парите е наменет за стипендијата „Ентони Бурден“ на Американскиот кулинарски институт.