РАН ПРЕГЛЕД Е КЛУЧЕН ЗА ОТКРИВАЊЕ НА БОЛЕСТА – ПО 11. ПАТ СЕ ОДРЖА МАРШОТ НАПРЕД РОЗОВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Важно е оние што се соочуваат со ракот на дојка да побараат помош, да зборуваат, да се спречи стравот и да знаат дека тој е излечива болест, рече сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска-Пендаровска на денешната 11. Розова прошетка – Напред розово за подигање на јавната свест дека навременото откривање на болеста е важно за излекување.

Претседателката на здружението „Борка“ Биба Додева кажа дека годишно се откриваат околу 1.200 нови случаи, а стапката на смртност е над 400.

Голем број на жени учествуваа на маршот во Градскиот парк (Фото: К. Попов)

„Најдобар рак е оној што нема да го добиеш. Здравјето е инвестиција во својата иднина. Нема здрава нација ако нема функционално општество”, рече Додева.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, чија амбасада традиционално ја поддржува оваа хуманитарна акција, рече дека ова е одлична можност да се подигне свеста дека ракот на дојка е излечив и дека е важна поддршката од семејството и заедницата.

Фото: К. Попов

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека обезбедиле прволиниска терапија за сите жени што се лекуваат, второлиниска за 15 и градник за оние кои се оперирани. Тој рече дека во тек е набавка на осум нови мамографи и дека ги поправиле постоечките, поради што имало одредени застои во дијагностиката.

Е. БОЧВАРОСКА

Фото: К. Попов
Фото: К. Попов

 

Фото: К. Попов

 

Биба Додева, Елизабета Ѓорѓиевска-Пендаровска, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и министерот за здравство Венко Филипче (Фото: К. Попов)