Романот за деца и млади „Илина и тајните на Бабин Заб“, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2025 на Друштвото на писателите на Македонија, е дел од библиотечната архива во Спомен-собата на писателот Ацо Шопов во Штип. Романот беше промовиран во Спомен-собата која се наоѓа во Центарот за култура „Ацо Шопов“.
„Книгата претставува продолжение на приказната за авантурите на Илина, девојче кое низ необични и волшебни доживувања се соочува со предизвиците на детството, растењето и самоспознавањето. Романот се роди на сон. Кога се разбудив, добив инспирација за главниот лик и за заплетот на приказната. Сакав да напишам книга каква што и самата сакам да читам, да биде забавна за младата читателска публика, иако романот предизвика внимание и кај повозрасните“, рече Корнети.
На промоцијата во Штип, литератот Трајче Кацаров рече дека читајќи ја книгата, се вратил на лектирите од детството и младоста, кои имаа поинакви содржини и главни ликови.
„Кога писателот ќе успее да создаде веродостојни ликови што можеш да ги сретнеш секој ден, тоа уште на почетокот е знак дека станува збор за успешен роман, кој веќе живее. Сето тоа е дело на млад автор, кој ни дава верба дека литературата за деца и млади не е минато, туку има иднина“, кажа Кацаров.
Т. ЈОВАНОВСКИ