ВО ПРЕСРЕТ НА ПРЕМИЕРАТА, ОБЈАВЕН ПРВ ТРЕЈЛЕР ЗА НОВИОТ ФИЛМ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот краток трејлер за новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“ е објавен на неколку дена пред неговата светска премиера на 14. Филмски фестивал во Рим. Тој првпат ќе се прикаже на 19 октомври, додека македонската премиера е предвидена за следниот месец.

„‘Врба‘ е приказна за три млади мајки. Една приказна се случува во средниот век, а другите две се современи и тие се надополнуваат, отсликуваат, а во исто време се контраст една на друга. Тоа се љубовни приказни во кои главната тема е лојалност и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општетството. Овде има среќен крај“, кажа Манчевски за својот шести долгометражен филм, што се снимаше лани од октомври до декември по негово сценарио.

Главните улоги ги играат младите актери Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Ненад Нацев, покрај Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

„Врба“ е прв македонски филм на Манчевски по 10 години, откако по „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, во Њујорк ги сними „Бикини Мун“ и краткиот „Четврток“, а во Куба краткиот „Крајот на времето“.