ФУДБАЛСКАТА СУПЕРЅВЕЗДА АЛЕКС МОРГАН ГО ЧЕКА ПРВОТО ДЕТЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Алекс Морган, најголемата ѕвезда во светот на женскиот фудбал, објави дека е бремена и треба да се породи во април, три месеци пред одржувањето на Олимписките игри во Токио.

Триесетгодишната голгетерка, која е мажена за фудбалерот на Лос Анџелес галакси Сервандо Караско, не прецизираше дали планира да игра за репрезентацијата на САД на Олимпијадата.

Веќе сме вљубени во неа, иако уште не сме се запознале. Нов член на семејството Караско доаѓа наскоро“, напиша Морган на социјални мрежи.

Морган има постигнато 107 голови на 169 натпревари за селекцијата на САД, со која беше светски првак во 2015 и 2019 година, како и олимписка шампионка во 2012. На неодамнешното Светско првенство во Франција таа беше најдобар стрелец, заедно со својата тимска колешка Меган Рапиноу.