„Колдплеј“, најпродаваниот британски бенд во 21. век, продолжува да го промовира новиот албум на необичен начин.

Откако го најави во писмо до еден фан, групата сега ја објави листата песни во вид на оглас во локален весник од Велс. Рекламата за „Секојдневен живот“ (Everyday Life), осмиот студиски албум на „Колдплеј“, се најде на 31. страница од весникот „Дејли пост“, веднаш до огласите за продажба на фрижидер, бали со сено и софа. Слични огласи се појавија и во весници во Австралија, Нов Зеланд, Франција и Англија.

Гитаристот Џони Бакленд изјави дека своевремено работел во овој весник.

Мојата работа беше да објавувам фотографии од куќи на продажба и не бев многу добар во тоа“, напиша Бакленд на Твитер.

Уредникот на „Дејли пост“ Енди Кембел изјави дека не биле свесни за огласот.

Да бидам искрен, ова е брилијантен начин на маркетинг од ‘Колдплеј‘. Можеби, самиот Бакленд го оставил огласот“, кажа Кембел.

Албумот ќе излезе на 22 ноември и 16-те песни се поделени на два дела.