Климатското законодавство на премиерката Џесинда Ардерн помина во новозеландскиот парламент, добивајќи поддршка од сите партии и со него земјата планира да постигне нулта стапка на емисии на штетни гасови до 2050 година.
Министерот за климатски промени Џејмс Шо изјави дека законот го обврзува Нов Зеланд да го одржува глобалното затоплување под 1,5 Целзиусови степени, но и ѝ овозможува на нацијата да се прилагоди и подготви за евентуална климатска вонредна состојба.
„Бевме лидери во светот со нуклеарното разоружување и со давањето на гласачкото право на жени и сега повторно сме лидери. Климатски промени се долготраен проблем на нашата генерација, на кој неколку влади по ред не успеваа да одговорат. Денеска правиме значаен чекор напред во нашиот план да ги намалиме штетните емисии на Нов Зеланд“, изјави Шо.
Ардерн кажа дека Нов Зеланд со овој закон се наоѓа на вистинската страна на историјата.
„Климатските промени се најголемиот предизвик на нашето време. Нивото на морињата расте и ни се случуваат екстремни временски настани. Науката ни вели дека тоа ќе има влијание врз флората и фауната и ќе шири болести“, изјави таа.