ШАНГАЈ ПРАВИ ЗГРАДА СО ИЛЈАДНИЦИ ДРВЈА И РАСТЕНИЈА НА ФАСАДАТА

Шангај, (Дезин)

Зграда покриена со илјадници растенија ќе биде отворена во Шангај следната година.

Иако сѐ уште не е целосно завршена, зградата која се наоѓа во уметничката област на градот веќе има дефиниран надворешен изглед, во кој се истакнуваат многубројните растенија што се издигнуваат од испреплетената фасада.

Зградата наречена „1.000 дрвја“ ќе наликува на пошумена планина и ќе содржи продавници, ресторани, деловни простории, простори за јавни настани и галерии. Растенијата се засадени во огромни жардинери поставени на врвот на бетонски столбови.

„Жардинерите се како природни продолженија на столбовите што се издигнуваат низ три нивоа на паркинг, осум нивоа на продавници, па сѐ до покривот, каде што процутуваат“, вели Лиза Финли, лидер на проектот.

На зградата ќе има околу 25.000 садници на 46 различни видови растенија. Секоја жардинера содржи уникатна комбинација на растенија, донесени од островот Чонгминг на реката Јангце.

„Половина од нив се зимзелени, со што ќе се обезбеди зградата да биде бујно зелена преку цела година“, додаде Финли.