Вроцлав доби огромна шума на својот праг, а уште десет полски градови го прават истото.
Полска ја отвори првата од 11-те планирани „заеднички шуми“ околу најголемите градови во земјата, за да им обезбеди на своите милиони жители достапни шумски површини за одмор, рекреација и престој во природа. Шумата во близина на Вроцлав опфаќа импресивни 13.000 хектари.
Полската министерка за клима и животна средина Паулина Хенинг-Клоска го нарече овој проект „историски момент и нов пристап кон заштитата на шумите“.
Целта е да се создадат зелени површини каде што жителите ќе можат да се релаксираат, да спортуваат и да поминуваат време во природа, но тие исто така ќе помогнат во задржувањето на водата, регулирањето на климата и прочистувањето на воздухот.
Шумата кај Вроцлав е поделена на три зони: природна шума, која целосно ќе биде препуштена на природните процеси, полуприродна шума, во која човечките интервенции ќе бидат минимални и социјална шума, која зафаќа најголем дел од површината – повеќе од 8.000 хектари. Во таа зона се планирани велосипедски и пешачки патеки и образовни рути, а сечењето дрвја ќе биде ограничено.
Проектот треба да се прошири и на други големи полски градови, вклучувајќи ги Варшава, Краков, Познањ и Лоѓ.
(Фото: Шатерсток)