УНИШТУВАЊЕТО НА АМАЗОНСКИТЕ ДОЖДОВНИ ШУМИ Е НАЈГОЛЕМО ОД 2008

Рио де Жанеиро, (Би-Би-Си)

Уништувањето на амазонските дождовни шуми во Бразил пораснало за 29,5% за период од 12 месеци, што е највисока стапка од 2008, објави тамошната вселенска агенција ИНПЕ.

Тие изгубиле 9.762 квадратни километри од својата вегетација од август 2018 до јули 2019 година, што е рамно на две фудбалски игралишта во минута. Научниците велат дека уништувањето на Амазонија се забрзало откако Жаир Болсонаро стана претседател во јануари годинава, бидејќи тој му дава предност на економскиот развој пред заштитата на животната средина.

„Не е изненадување што ова се случува, бидејќи Болсонаро го штити еколошкиот криминал и промовира неказнување. Очекуваме ова да продолжи“, изјави активистката Адријана Рамос.

Во изминатите децении, бразилските претседатели успеваа да го држат сечењето шуми под контрола со помош на федералните агенции и системот на казнување.

Како најголема дождовна шума на светот, Амазонија е клучно складиште на јаглерод, со што помага да се забави темпото на глобалното затоплување.