НАУЧНИЦИ РАЗВИЛЕ СУПЕРЛИЗГАВА ОБЛОГА ЗА ВЕЦЕ ШОЛЈИ КОЈА ШТЕДИ ВОДА

Филаделфија, (Би-Би-Си)

Американски научници создале суперлизгава облога за веце шолји што би можела да помогне да се заштедат огромни количества вода низ светот.

Научници од универзитетот Пен стејт во Пенсилванија велат дека нивната облога го намалува количеството вода потребно за протерување на изметот за цели 90% и притоа не остануваат траги на шолјата. Таа исто така спречува создавање бактерии во шолјата и ги намалува непријатните миризби. Спрејот, што е полизгав од тефлон, би требало да се менува по 50 пуштања вода.

Секој ден, низ светот се трошат околу 141 милијарда литри чиста вода за испирање на тоалети. Според истражувачите, тоа е шест пати повеќе од вкупната потрошувачка на вода во цела Африка.

„Нашиот тим разви моќна, био-инспирирана течна облога која овозможува шолјата сама да се чисти од бактерии и наслаги. Тие се непријатни за корисниците, но претставуваат и сериозна здравствена грижа“, изјави Так-Синг Вонг, професор по механички инженеринг на универзитетот Пен стејт.