„ФОЛКСВАГЕН“ ЌЕ ВЛОЖИ 60 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ

Минхен, (Мотор1)

„Фолксваген“ продолжува на големо да инвестира во својата иднина и значително ќе ги зголеми инвестициите во електромобилност.

Компанијата објави дека ќе вложи неверојатни 60 милијарди евра во електромобилност, хибридизација и дигитализација на своите возила, што е 15 пати повеќе од буџетот на Македонија за наредната година. Ова зголемување од 36% се однесува за следните пет години и вклучува лансирање на десетици нови модели и значително зголемување на продуктивноста. И оваа сума е само 40% од севкупните вложувања во развој и истражување.

Управата донесе план и до 2029 година, до кога се планира лансирање на 75 електрични и уште 60 хибридни автомобили. Планот е до тогаш да се продадат 26 милиони електрични автомобили.

Во исто време, „Фолксваген“ објави дека ќе престане со учеството во сите тркачки натпреварувања кои не вклучуваат електрични автомобили. Така до крајот на годината ќе запрат производството на сегашниот болид „голф ГТИ ЦТР“ и развојот на неговиот наследник, а откажани се и плановите за камбек во Светското првенство во рели со „поло“.