По една година, Африка повторно дојде во Музеј на Македонија.
Интригантна по својот наслов, изложбата „Африка во Македонија“ открива некои непознати врски и влијанија што ги имало на овие простори од далечно минато.
Црн православен светец, почитувања на египетски божества, прикази на животни карактеристични за Африка…, историските локалитети во Македонија имаат понудено докази дека Африка на разни начини, посредно и непосредно, постојано била и сѐ уште е присутна на овие простори.
„Идејата за оваа изложба произлезе од претходната изложба ‘Духовите на Африка‘, кога видовме дека африкански духови имало во Македонија уште од праисторијата. Така решивме да направиме една ваква изложба, која веруваме ќе го потврди она што сметаме дека е точно, а тоа е дека Македонија и Африка се поврзани неколку милиони години и дека сите ние сме Африканци, на некој начин. Не само генетски, овдека се истакнати и религиски, културни и политички врски“, изјави д-р Гоце Наумов на отворањето на изложбата, што ја подготви со д-р Никос Чаусидис.
Експонатите се преземени од музеите во Скопје, Охрид, Битола, од Националната установа Стоби, а еден дел е позајмен од Македонците кои патувале и престојувале во Африка. Во рамките на изложбата се изложени и фотографии на Филип Кондовски и Билјана Јуруковски, направени во Африка.
Г. КОНЕВ