СЕЛФИТО НА МИС ИРАК И МИС ИЗРАЕЛ НЕ ИМ СЕ ДОПАДНА НА СИТЕ

Лас Вегас, (Би-Би-Си)

Учесничките на изборот за Мис Универзум се собраа во Лас Вегас, а меѓу нив, за првпат по 45 години, е и претставничка на Ирак.

Во духот на ваквите избори, каде што сите пропагираат мир во светот, Сара Идан се фотографираше со Мис Израел, Адар Ганделсман, но тоа предизвика мешани реакции во двете земји.

Исто селфи на својот Инстаграм профил постираше и Израелката, нарекувајќи ја Идан „неверојатна“ и брзо собра 3.000 лајкови.

Идан изјави дека е почестена што е првата Ирачанка по 45 години која учествува на изборот, но бидејќи Израел и Ирак немаат дипломатски односи, нејзиниот потег не беше прифатен со воодушевување од сите.

„Кралицата на убавината на Ирак весело позира со кралицата на убавината на окупација и бруталност“, напиша на Твитер ирачкиот професор Асад Абукалил.

Во својот пост на Инстаграм, Сара напиша дека Адар ѝ пристапила за да се фотографираат.

„Таа ме праша дали сакам да се сликаме. Ѝ реков дека би ми било задоволство да ѝ помогнам да испрати порака. Сликата е израз на надеж за светски мир“, кажа Идан, добивајќи поддршка од портпаролот на израелскиот премиер, Офир Генделман.