Моменти пред најактивниот новозеландски вулкан да еруптира, група туристи била видена како шета околу него.
Во приватна сопственост од 1936 година, Вајт Ајленд, односно Вакари, е популарна туристичка дестинација за дневни посети и панорамски прелети. Некои тур оператори го нарекуваат „жив геолошки џин“ и „најдостапен активен морски вулкан на светот“.
Посетите на Вајт Ајленд продолжиле иако пред три недели сеизмолозите предупредиле дека вулканот влегува во период на можна поизразена активност. Шест луѓе загинаа, а осум се исчезнати по вчерашната ерупција.
Вајт Ајленд е класифициран како најактивен вулкан во Нов Зеланд во 1976 година и оттогаш речиси постојано е активен, но место лава, тој периодично исфрлува пепел и гасови. Во последните осум години имало шест помали ерупции, но се погодило тогаш на островот да нема туристи. Вчерашната ерупција е оценета како умерена според официјална скала.
„Тој е постојано активен бидејќи има многу активен хидротермички систем“, вели Џен Линдзи од Универзитетот во Окленд.
Прогласен за приватен природен резерват во 1952 година, 70% од вулканот се наоѓа под морето. Годишно го посетуваат околу 10.000 туристи и неколкучасовна тура, која вклучува и влегување во кратерот, чини 150 долари.
„Тоа е спектакуларно место, како од друга планета. Во таа околина пожелно е да се носи заштитна маска поради силните сулфурни гасови и може да се чуе звукот на гасот од вулканот. Тоа е интензивно, но прекрасно искуство“, додаде Линдзи.