Берлинската зоолошка градина првпат ги покажа во јавност своите два нови најслатки житела, близначињата панди, откривајќи притоа дека и двете се машки.
Тие се родени на 31 август и согласно кинеската традиција, добија имиња дури откако поминаа 100 дена. Директорот на зоолошката градина Андреас Книрим притоа го појасни и нивното значење: Менг Шијанг е „долгоочекуван сон“, а Менг Јуан „сон што се остварил“. Тие сега тежат по околу шест килограми.
Сепак, посетителите ќе мора да почекаат уште некое време пред да можат да уживаат во пандите. Тие ќе се чуваат на безбедно сѐ додека не почнат нормално да одат и не се запознаат доволно со околината и Книрим проценува дека тоа ќе потрае уште некој месец.
Раѓањето на двете панди беше голем настан за зоолошката градина, не само зашто тие тешко се размножуваат, туку и близначиња се многу редок случај. Нивната мајка Менг Менг пристигна во Берлин во јуни 2017 и градот плати 13,5 милиони евра за 15-годишен договор да чува возрасни панди. Според договорот, двете новородени панди ќе бидат преселени во Кина откако ќе наполнат четири години.
Околу 400 панди живеат во зоолошки градини низ светот како дел од проектите за нивна заштита, додека во природа во Кина ги има околу 1.864, што е речиси двојно повеќе во споредба со нивната бројка од крајот на 1970-ите.