Филмската адаптација на популарниот мјузикл „Мачки“ е на добар пат да стане најголемото промашување на деценијата откако во премиерниот викенд заработи само 6,5 милиони долари.
И покрај ѕвездената актерска екипа, чиј дел се Џенифер Хадсон, Џуди Денч, Идрис Елба, Ијан Мекелен, Џејмс Корден и Тејлор Свифт, „Мачки“ од старт го следеше лош глас, а по премиерата, за која во последен момент била подготвена верзија со подобрени визуелни ефекти, добива исклучиво негативни критики. Студиото „Јуниверзал“ ги замоли кината што побргу да ја заменат првично добиената верзија со новата.
Режисерот Том Хупер во „Мачки“ користеше нова дигитална технологија со која актерите добија крзно, но кажа дека филмот го завршиле вечерта пред претпремиерното прикажување. Филмот беше направен со буџет од 100 милиони долари, што тешко дека ќе ги оправда.