ТОМ КРУЗ ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ОД АМЕРИКАНСКИОТ ФИЛМСКИ ИНСТИТУТ

САД, (АП)

Холивудската ѕвезда Том Круз ќе ја добие престижната награда за животно дело на Американскиот филмски институт (АФИ), како признание за неговата повеќедецениска кариера и придонесот во филмската индустрија.

Шеесет и четиригодишниот актер ќе биде почестен на свечена церемонија на 24 април 2027 во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, каде што традиционално се одржува и доделувањето на Оскарите.

Круз е една од најголемите холивудски ѕвезди, познат по улогите во филмовите „Топ ган“, „Невозможна мисија“, „Дождовен човек“, „Неколку добри луѓе“ и „Џери Мегваер“. Во кариерата долга повеќе од четириесет години се прослави и по тоа што голем дел од опасните акробации во акционите филмови ги изведува самиот.

Минатата година, Круз доби и почесен Оскар за својот придонес во филмската уметност. Иако досега беше четирипати номиниран за Оскар, никогаш не освоил награда во натпреварувачките категории.

Наградата за животно дело на Американскиот филмски институт се доделува на истакнати личности кои оставиле траен белег во американската кинематографија. Меѓу претходните добитници се Мерил Стрип, Морган Фримен, Џулија Робертс, Дензел Вашингтон и Никол Кидман.