Кокиче откриено на Фејсбук, чудесна бобинка што ви го менува вкусот и гумена грмушка која испушта свој сопствен суперлепак се меѓу новите видови растенија за кои научниците дознаа во 2019 година. Експертите од Кралските ботанички градини (Кју) во Лондон идентификуваа и нов вид на дрвото иланг-иланг за кој се знае дека постојат само седум примероци.
Откривањето и научното именување на новите видови е клучен прв чекор кон нивната заштита, велат научниците. Во 2019 година, Кју официјално именувал 102 растенија и осум вида габи, но голем дел од нив веќе се соочуваат со исчезнување.
Растенијата сочинуваат 82% од тежината на севкупниот живот на Земјата (луѓето се само 0,01%). Постојат речиси 400.000 познати видови растенија, а 2.000 нови се именуваат секоја година.
„Сите ние зависиме од растенијата. Шокантно е што сѐ уште откриваме толку многу нови. Локални луѓе можеби ги знаат, но тие се непознати за науката“, вели ботаничарот Мартин Чик.
Нов вид кокиче e откриен во северозападна Турција благодарение на фотографија објавена на Фејсбук.
Нова чудесна бобинка е пронајдена во дождовните шуми на границата на Мозамбик и Зимбабве и содржи состојка наречена миракулин која го блокира чувството за вкус, па кисело станува благо.
Гумена грмушка е пронајдена на само еден водопад на реката Бафинг во Гвинеја.
„Таа има некаков биолошки суперлепак, што им овозможува да се држат заедно на камен. Таа состојка допрва треба да се испита“, вели Чик.
Едно од најретките откритија несомнено е зонозоно, 20 метри високо дрво од семејството иланг-иланг, кое беше пронајдено во планините Усамбара во Танзанија. Познато е дека има само седум вакви дрвја.