„МОВЕМБЕР ВЕЛЕС“ ВЕЌЕ ПЕТТА ГОДИНА ГИ ЕДУЦИРА СОГРАЃАНИТЕ ЗА МАШКИТЕ БОЛЕСТИ

Велес, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Со забричување од бербер Зоки, дел од членовите на движењето „Мовембeр Велес“ се подготвуваат за саботата завршница, кога ќе се избира најмустаќ на Велес. По петти пат годинава група млади велешани се дружат, забавуваат и најмногу од сè ги едуцираат машките сограѓани за машките болести. Преку Движењето „Мовембер Велес“, од почетокот на ноември со носење на мустаќи, со промена на изгледот, за дел од мажите украс на машкото лице, го привлекуваат вниманието на јавноста.

Следната сабота ќе се избира најмустаќ на Велес.

„Петти јубилеен пат го организираме ‘Мовембер Велес’, со цел подигнување на свеста за машкото здравје и за машките болести – рак на тестиси, рак на простатата и превенција од нив. Ако се прави поредовни контролата кај доктор барем еднаш годишно, многу поефикасно ќе се решат овие машки болести. Ако секој од мажите отиде на превентивен преглед, нема да има потреба од последиците кои се јавуваат подоцна. Почесто мажите да посетат доктор, а не во последен момент, кога ќе се почувствував некој здравствен проблем, тоа сакаме да го постигнеме“, вели Ѓорги Нанов од движењето „Мовембер Велес“.

За изминатите три седмици, од почетокот на ноември се собираат донации, преку касичка која што се наоѓа во „Паб“, се продаваат маички со „V“, логото на годишното дружење и знакот од филмот „В за Вендета“. Завршниот дел е „симпозиум“ кога ќе се дружат, но и ќе ги измерат мустаќите, закажан за последната сабота во ноември во „Паб“ во Велeс. Организаторите велат дека има голем интерес за присуство, не само од велешани туку и од други градови. Собраните средства од забавата и донациите се со хуманитарна цел и дополнително ќе одлучат за каде ќе ги наменат. За саботната забава помогна „Паб“ и „Скопска пивара“ со донација на 200 литри пиво од чија што продажба средствата ќе завршат исто така за хуманитарни цели.

П. ПЕЧКОВ