ЈАПОНСКИ МИНИСТЕР НАПРАВИ ПРЕСЕДАН И ЗЕДЕ ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО

Токио, (АП)

Јапонскиот министер за животна средина стана татко и кажа дека планира да го искористи породилното отсуство, што сѐ уште е редок случај во земјата каде што мажите се под притисок да ја стават работата пред семејството.

Шинџиро Коизуми изјави дека неговата сопруга Кристел го родила нивното прво дете вчера, само два дена откако тој објави дека ќе земе две недели слободно во наредните три месеци. Тој е првиот јапонски министер кој се решил на ваков чекор и се надева дека ќе охрабри што повеќе вработени мажи да го следат неговиот пример.

„Разбирам дека мислењето на јавноста е поделено. Ќе му се посветам на семејството, но во исто време, ќе бидам подготвен да се вратам на работа ако има итна ситуација“, изјави синот на бившиот премиер Јуничиро Коизуми.

Јапонија има релативно дарежлива политика на породилно отсуство што им овозможува на жени и мажи да земат до една година делумно платен одмор. Сепак, во 2018, само шест отсто вработени мажи го искористиле ова право, а годинава се очекува скромен пораст до 13%.