Вечерва од 20 часот, театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес на камерната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Сестрите Прозорови“, работена според „Три сестри“ од Чехов, во адаптација и драматургија на Сашо Димоски. Режисер е Васил Зафирчев.
„Ништо во оваа претстава не реферира на пиесата на Антон Чехов ’Три сестри‘, на која упатува насловот, освен најголемиот дел од текстот за изведбата“, најавуваат авторите.
„Сестрите Прозорови“ е прва премиера на Велешки театар за оваа сезона и ја реализира од сопствени средства. В. д. директорот Александар Ивановски ја најави лани во ноември, но бидејќи театарот нема греење, премиерата се одложи за јануари.
Играат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Костимограф е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски.
П. ПЕЧКОВ