Мажоретки, кловнови и градскиот оркестар на Херцег Нови денеска дефилираа низ центарот на Скопје за да им ја претстават на граѓаните традиционалната манифестација на овој црногорски град, „Празник на мимозите“.
Дефилето почна пред Музејот на Град Скопје и преку улица Македонија стигна до плоштадот Македонија. Долж улица Македонија беа поставени пултови на кои се делеа промотивни материјали за општина Херцег Нови, како и за манифестацијата „Празник на мимозите“, чие 51. издание ќе почне на 14 февруари.
Дефилето беше организирано од амбасадата на Црна Гора, а меѓу присутните беа и градоначалникот на Херцег Нови, Стеван Катниќ и амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ.