РЕКЛАМИТЕ ЗА ВЕЧЕРАШНИОТ СУПЕРБОУЛ СЕ РАСПРОДАЛЕ ЗА РЕКОРДНИ 400 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Мајами, (АП)

Стадионот „Хард рок“ во Мајами вечерва ќе биде домаќин на Супербоулот, финалето на НФЛ-сезоната, во кое ќе се сретнат Канзас Сити чифс и Сан Франциско 49ерс.

Супербоул важи за круна на американските спортови и секоја година е најгледаниот телевизиски настан во САД. Тоа ги привлекува и големите компании, кои не штедат пари за да добијат неколку секунди простор во ТВ-преносот.

„Фокс“ објави дека за оваа година подготвил и продал простор за 77 реклами и меѓу нив сигурно ќе се најдат гиганти како „Мајкрософт“, „Гугл“, „Волмарт“ и „Бадвајзер“, а се очекува со реклама да се уфрлат и „Фејсбук“, Доналд Трамп и Мајкл Блумберг.

Сите реклами биле распродадени уште во ноември, иако за тие 30-ина секунди морало да се платат рекордни 5,6 милиони долари, па од нив вкупно ќе се заработат 400 милиони долари.

„НФЛ очигледно е најмоќната медиумска платформа во сите спортови и сите телевизии“, вели извршниот потпретседател за маркетинг на „Фокс спортс“, Сет Винтер.

Цената на рекламите двојно се зголемила за една деценија, а за првиот Супербоул во 1967 година тие изнесувале меѓу 37.500 и 42.500 долари.

Досега најгледаниот Супербоул е оној од 2015 година, кој имал 144,44 милиони гледачи.