На претстојниот саем „Ретромобил“ во Париз, што се отвора утре, „Ситроен“ ќе ја одбележи 50-годишнината на еден од своите најпрепознатливи модели – ГС, кој беше многу популарен и на овие простори бидејќи се склопуваше во Југославија.
На штандот на „Ситроен“ ќе бидат изложени неколку примероци од овој модел, кој беше прогласен за Европски автомобил на годината една година откако се појави во 1970, а се произведуваше до 1986.
Кога беше претставен на саемот во Париз во 1970, ГС важеше за технолошки напреден автомобил и водечки во поглед на комфор, безбедност и аеродинамика. Тој располагаше и со четири диск-кочници и багажник од 465 литри и сето ова го ставаше во голема предност во однос на конкурентите.
Бидејќи се монтираше и во Копер (Словенија), „ситроен ГС“ имаше статус на домашен автомобил во Југославија, а од францускиот оригинал се разликуваше само по предните фарови, кои исто така беа од домашно производство („Сатурнус“).
„Ситроен ГС“ претрпи неколку измени во каросеријата и во последните седум години одеше под името „ГСА“.