КЕНДАЛ ЏЕНЕР ПО 15 ГОДИНИ ЈА ЗАМЕНИ ЖИЗЕЛ КАКО НАЈПЛАТЕНА МАНЕКЕНКА

Њујорк, (Би-Би-Си)

По цели 15 години, Жизел Бундшен го загуби статусот на најплатената манекенка на светот.

Како што објави магазинот „Форбс“, врвот го презеде Кендал Џенер, полусестрата на Ким Кардашијан, која годинава заработила 22 милиони долари.

Џенер изби на првото место со само 22 години, откако нејзините приходи двојно се зголемиле оваа година во споредба со лани.

Таа годинава учествуваше во ревиите на Александер Ванг, Фенди, Шанел, Марк Џејкобс…, а беше дел и од рекламните кампањи на „Есте Лаудер“ и „Адидас“.

Иако се повлече од модните писти минатата година, Жизел сѐ уште високо котира, на второто место. Таа имаше ангажмани за париски „Вог“ и за „Арецо“, заработувајќи 17,5 милиони долари.

Криси Тејген за првпат влезе во одбраното друштво, благодарение на договорите со „Мекдоналдс“, „Вита Коко“ и „Смирноф“. Сето ова ѝ донесе приход од 13,5 милиони долари.

На листата потоа следуваат Адријана Лима (10,5 милиони), Џиџи Хадид (9,5), Роузи Хантингтон-Вајтли (9,5), Карли Клос (6,8), Лиу Вен (6,5), Бела Хадид (шест) и Ешли Грем (5,5).