Во Истанбул се отвори модна изложба на која се претставени 80 уникатни чанти и дизајнерски предмети од 55 светски луксузни брендови, меѓу кои „Луј Витон“, „Диор“, „Валентино“, „Версаче“ и „Скијапарели“. Изложбата насловена „Безвременски богатства – вечното патување на чантата“ се одржува во културниот комплекс „Бејмен Терсане“, сместен во историско бродоградилиште старо 600 години.
Меѓу највпечатливите експонати е патнички ковчег на „Луј Витон“, рачно изработен во 1886 година за османлискиот султан Абдулхамид Втори. Ковчегот, кој има карактеристични вертикални линии, месингани детали и фиоки, е донесен од архивата на модната куќа во Париз.

Изложбата е подготвувана повеќе од две години, а светските модни куќи претставуваат креации инспирирани од културното наследство на Анадолија, традиционалните везови, керамиката од Изник и старите занаетчиски техники.
Поставката е поделена во седум тематски целини, а покрај историските експонати и современите дизајнерски чанти, претставени се и три дела на млади турски дизајнери.
Изложбата ќе биде отворена до 8 февруари 2027.
(Фото: Е. Каракаја)