Туристичките власти на Вилнус се убедени дека недоволно луѓе знаат каде се наоѓа главниот град на Литванија, па се обидуваат да го променат тоа со симпатични кампањи.
Најновата кампања која го исмева фактот дека малку луѓе слушнале за градот се вика „Вилнус: неверојатен каде и да мислите дека се наоѓа“ и следува по наградуваната ланска кампања „Вилнус – Г-точката на Европа“. Таа тврдеше дека „никој не знае каде се наоѓа градот, но кога ќе го откриете, сфаќате дека е неверојатен“.
Според истражување од 2019, само 5% Британци, 3% Германци и 6% Израелци знаат каде точно се наоѓа Вилнус, но освен името, не знаат ништо друго за градот.
Најновата кампања е и наградна игра: победникот добива патување во Вилнус, додека истовремено ги запознава луѓето со сите оние причини кои градот го прават посебен, во поглед на културата, уметноста, историјата, природата и храната.
Историски, Вилнус отсекогаш бил отворен град и на неговиот грб се наоѓа Свети Кристофер, кој е заштитник на патниците.
„Вилнус продолжува да се претставува како град кој е убаво да се посети без разлика каде луѓето мислат дека се наоѓа“, вели Инга Романовскиене, директорката на организацијата „Go Vilnius“.
Вилнус е главен и најголем град на Литванија со околу 580.000 жители. Неговиот Стар град, еден од најголемите зачувани средновековни градови во северна Европа, потекнува од 14. век и од 1994 се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.
Еден од најпопуларните делови од градот е Ужупис, уметничка хипи „република“ налик на Монмартр во Париз или Кристијанија во Копенхаген.